Општи услови

ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ПРИСТАП И КОРИСТЕЊЕ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ УСЛУГИ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ ПРЕКУ ПОРТАЛОТ e-agencija.aek.mk

ВОВЕД

Со Општите услови за пристап и користење на електронските услуги на Агенцијата за електронски комуникации – АЕК преку порталот e-agencija.aek.mk, се уредуваат основните и општите правила според кои корисниците кои имаат регистрирани кориснички сметки на порталот e-agencija.aek.mk можат да ги користат услугите на АЕК по електронски пат.

1.      ДЕФИНИЦИЈА НА ПОИМИ

Одделни поими употребени во Општите услови и останатите документи, кои го регулираат работењето преку е-Агенција, го имаат следното значење:

АЕК

Агенција за електронски комуникации

Е-Агенција

Систем за користење на услугите на АЕК по електронски пат, користејќи информатичка технологија, телекомуникации и посебни сигурносни механизми.

Услуги достапни преку е-Агенција, или Електронски услуги на АЕК

Услуги што АЕК ги пружа на операторите на јавни комуникациски мрежи, давателите на јавни електронски комуникациски услуги, граѓаните како крајни корисници на електронски комуникациски услуги и организациите со кои АЕК остварува соработка и размена на информации преку порталот e-agencija.aek.mk.

Корисник

Правно или физичко лице кое има регистрирано (отворено) корисничка сметка на е-Агенција, на кое му се овозможува користење на услугите од Системот.

Овластено лице за користење на Системот (важи само за правни субјекти)

Физичко лице кое правниот субјект го ополномоштува да извршува работи поврзани со користење на услугите на Системот, врз основа на Барање поднесено од правниот субјект.

Корисничка сметка

Корисничка сметка со податоци во врска со корисникот кое на барање на Корисникот АЕК го одобрува.

Електронска сметка

Електронската сметка која на барање на Корисникот АЕК ја одобрува (регистрира) на Системот и преку која се извршува безбедно електронско доставување и примање на документи, односно размена на документи и информации меѓу АЕК и Коринсикот

Важечки дигитален сертификат

Дигитален сертификат издаден од овластен издавач на сертификати во Република Македонија, прифатен од AEK, на кој не му е истечен рокот на важност и кој не е отповикан од овластениот издавач на сертификати.

Медиум за чување на дигитален сертификат

Сигурносен уред на кој се чува дигиталниот сертификат со кој се врши проверка на идентитетот и шифрирање на податоците.

Корисничко име

Комбинација од знаци која Корисникот сам си ја доделува и која го идентификува на единствен начин во рамките на Системот.

Лозинка

Тајна комбинација од знаци која Корисникот сам си ја доделува, по потреба сам си ја менува и служи за потврдување на неговиот идентитет.

2.      ПРИМЕНА НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ

Општите услови се применуваат на односите помеѓу АЕК, Корисникот, и овластените лица, кои се засноваат со овозможување на пристап до системот.

3.      УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА УСЛУГИТЕ НА СИСТЕМОТ

За користење на услугите на Системот, правното или физичко лице е должно на свој трошок да ги обезбеди следните минимални техничи услови:

  • Дигитален сертификат издаден од овластен издавач во Република Македонија, со исклучок на услугата Приговор од краен корисник
  • Пристап до Интернет
  • Сопствена адреса за електронска пошта за примање на нотификации од Системот
  • Интернет прелистувач Internet Explorer 10.0 или понова верзија, Моzilla Firefox или Google Chrome (користењето на дигитален сертификат и Интернет прелистувач е согласно правилата на овластениот издавач на сертификати)
  • Java 7.0 или понова верзија
  • Adobe Acrobat Readеr или друг соодветен софтвер за преглед и печатење на .pdf датотеки

За користење на услугите на Системот, правното или физичко лице треба прво да се најави (регистрира) како нов корисник на порталот https://e-agencija.aek.mk:99.

AEK ја одобрува регистрацијата и користењето на Системот врз основа на уредно пополнети податоци до AEK во процесот на регистрација и проверка на нивната точност.

Со пополнување и поднесување до АЕК, правното или физичко лице се определува да го користи Системот во обем и начин кој е овозможен од самиот Систем и го именува

Овластеното лице (важи само за правни субјекти).

АЕК има право да одбие или забрани пристап на правното или физичко лице за користење на услугите на Системот доколку не се исполнети предвидените услови.

По проверка на доставените податоци, АЕК испраќа известување до доставената  адреса за е-пошта дека барањето е одобрено / одбиено.

АЕК одобрува затварање на електронска сметка врз основа на барање од страна на овластеното лице.

4.      КОРИСТЕЊЕ НА УСЛУГИТЕ

Корисникот услугите на Системот ги користи откако ќе се најави со корисничко име и лозинка кои самиот ги дефинирал кога се регистрирал на порталот од Системот.

Со регистрација и најава на Системот, Корисникот е согласен за услугите достапни преку Системот, доставата на документи од АЕК до Корисникот да се извршува исклучиво по електронски пат, без дополнителна писмена достава на документот од АЕК до Корисникот.

Корисникот преку доставената адреса за е-пошта ќе добива нотификација за пристигнат документ од страна на АЕК во електронската сметка на корисникот.

Доставата на документи од страна на АЕК до Корисникот се смета дека е успешно извршена во моментот на испратена нотификација до адресата за е-пошта согласно законските прописи.

Информатичкиот систем на АЕК истовремено со испраќање на писменото/документот до примателот на доставата на неговата електронска адреса испраќа и нотификација-известување дека од информатичкиот систем на АЕК е испратен документ кој имателот на адресата мора да го преземе. Денот кога документот е доставен по електронски пат, се смета како ден на прием на корисникот до кого е упатен, согласно Закон за општата управна постапка. Во Системот останува записот за извршената достава на документ од АЕК до Корисникот.

АЕК не превзема никаква одговорност во случај кога Корисникот поради технички, лични или други проблеми не бил во состојба да изврши увид на пристигнати документи на електронската сметка од Системот.

АЕК не превзема никаква одговорност во случај кога Корисникот поради технички, лични или други проблеми не бил во состојба да изврши навремен увид на пристигнати нотификации и известувања на адресата за е-пошта на Корисникот наведена при неговата регистрација во Системот.

Документи кои корисникот ги доставува до АЕК мора да бидат во PDF формат. Максимално дозволена големина на еден PDF документ е 5 MB. Максимално дозволена големина на еден поднесок или прилог е 30 MB.

Корисникот е должен секоја промена на лични податоци како и промена на сертификатот, електронски да ја ажурира на порталот е-Агенција согласно постапката опишана во Корисничкото упатство.

За отповикување на овластено лице Правниот субјект е должен веднаш, во најкраток можен рок преку е-Агенција да изврши ажурирање на податоците за ополномоштување на ново овластено лице.

5.      КОРИСТЕЊЕ НА ДИГИТАЛНИ СЕРТИФИКАТИ

За сигурна размена на податоци помеѓу АЕК и Корисникот се користат дигитални сертификати и шифрирана (енкриптирана) комуникација. АЕК прифаќа дигитални сертификати издадени само од овластени издавачи на сертификати во Република Македонија.

АЕК не превзема никаква одговорност во случај на проблеми кои може да произлезат од употреба на помалку сигурни медиуми за складирање на дигиталните сертификати.

Дигиталниот сертификат е во лична сопственост на Корисникот и може да се користи за сите услуги од Системот. Рокот на важност на дигиталниот сертификат е наведен во самиот дигитален сертификат.

Навремено обновување на дигиталниот сертификат, по истекот на рокот на важност е обврска на Корисникот, сопственикот на дигиталниот сертификат. АЕК не превзема никаква одговорност во случај на проблеми кои може да произлезат од не навремено обновување на дигиталниот сертификат.

Корисникот е должен медиумот на кој се чува дигиталниот сертификат да го чува од уништување, оштетување, губење, неовластено користење и да го употребува во согласност со сигурносните стандарди.

АЕК ќе ги одбие барањата и документите на Корисникот доколку сертификатот не е валиден или се наоѓа на листата на отповикани сертификати (CRL – Certificate Revocation List) издадени од овластени издавачи на сертификати во Република Македонија.

6.      НЕСОВЕСНО ОДНЕСУВАЊЕ И ЗЛОУПОТРЕБА

Корисникот се обврзува да не ги открива на трети лица корисничкото име, лозинка и дигитален сертификат со цел да се оневозможи нивна злоупотреба.

Корисникот се обврзува да не се обидува да пристапи до Системот преку корисничко име и лозинка за коишто не е овластен.

Корисникот се обврзува да ги превземе сите потребни безбедносни мерки со цел да обезбеди соодветно користење на Системот и да не дозволи неовластено користење од трети лица.

Корисникот се обврзува дека услугата на Системот ќе ја користи само за електронска достава на документи (барања и прилози поврзани со услугите на АЕК, а не било какви видови на документи, недолични содржини и сл.)

Доколку Корисникот дознае или се посомнева дека неовластено лице ги злоупотребило неговите корисничко име, тајна лозинка, или дигитален сертификат, должен е веднаш, во најкраток можен рок да ја извести АЕК за злоупотребата, како и да ја промени својата лозинка за пристап до Системот согласно постапката опишана во корисничките упатства.

АЕК во најкраток можен рок привремено ќе ја блокира соодветната електронска сметка, се до разрешување на причините за блокирање на електронската сметка.

АЕК не превзема никаква одговорност за евентуална штета која може да настане како последица на губење или кражба на медиумот на кој се чува дигиталниот сертификат.

Корисникот се обврзува да не го злоупотребува или несоодветно користи Системот и да не се обидува да ја нарушува, изменува или попречува технологијата која е во функција на Системот како и да не им помага на трети лица да го сторат тоа.

АЕК го задржува правото привремено или трајно да ја блокира електронската сметка на Корисникот доколку процени дека е загрозена безбедноста на Системот.

АЕК се обврзува да обезбеди заштита на личните податоци за Корисникот и Овластените лица согласно законската регулатива.

Личните податоци ќе се користат само за потребите на извршување на услугите преку Системот на начин предвиден со закон или друг пропис.

7.      ПРИВРЕМЕН ПРЕКИН И ОТКАЖУВАЊЕ НА УСЛУГАТА

Доколку АЕК се посомнева дека постои злоупотреба, го задржува правото привремено или трајно да го блокира извршувањето на одделни или на сите услуги од Системот.

АЕК може да врши прекини на услугите од Системот во случаи кога се преземаат неодложни активности за надградба или одржување на информатичкиот систем, за што АЕК навремено ќе го извести Корисникот со објавување информација на порталот од Системот е-Агенција.

АЕК го задржува правото да врши итни и ненајавени прекини на услугите во случаи кои се однесуваат на сигурноста и општата стабилност на системот.

Во случај на подолготраен технички проблем и прекин во функционирањето на системот, користењето на услугите и доставата на документи ќе се врши по писмен пат согласно упатствата објавени на порталот е-Агенција.

8.      ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА

АЕК го задржува правото да врши промени во обемот и содржината на услугите, сигурносните прописи и механизми, Корисничките упатства, Општите услови и другите документи кои ја регулираат работата на Системот.

За сите наведени промени АЕК го известува Корисникот со објавување информација на порталот е-Агенција.